Прекината седницата за уставни измени – ВМРО-ДПМНЕ не го смени ставот, мнозинство од 80 пратеници нема

Winter in New York
Posted on: 2023-08-18 20:04:52

„Бидејќи е исцрпена листата на пријавени за збор констатирам дека претресот е завршен. Овде ја прекинувам работата со оваа седница за продолжувањето ќе бидете дополнително известени“, порача Талат Џафери.

Како што претходно најави претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата на која на дневен реда беа уставните измени поради тоа што не беше обезбедено потребното двотретинско мнозинство за нивно изгласување на што опозициските пратеници бурно реагираа. Инаку, на почетокот на седницата премиерот Димитар Ковачевски во експозето ги повика пратениците да бидат одговорни и да не го блокираат патот кон Европската унија.

„Од вас можам човечки да повикам и да апелирам на разум, совест, чесност и водење од општите а не од лични интереси. Што и да направите одговорност имате. Затоа денес е денот кога ќе стане јасно кој навистина сака да ја види државата во Европската унија, а кој ја блокира европската иднина на граѓаните на денешните и идните генерации. Кој ќе се заложи државата да оди напред  а кој преку изговори ќе бега од одговорност пред граѓаните“, вели Димитар Ковачевски.

Во тричасовната дебата на пратениците, атмосферата помина очекувано со пораки на владејачкото мнозинство за поддршка на уставните измени, додека од опозициската ВМРО-ДПМНЕ останаа на ставот дека нема да гласаат за промена на Уставот.

„Никаде нема устав во кој што се зборува за делови од народи во кој што замислете се зборува за заштита на дијаспори надвор, па ние ќе ја штитиме бугарската дијаспора надвор која е во вековен судир со македонската дијаспора.  Образложението ви е катастрофа, уставна катастрофа.  Не може именик да правиме од Преамбулата“, порача Гордана Силјановска Давкова.

Арбр Адеми од ДУИ порача дека граѓаните сакаат влез во Европската унија и чекаат да се изгласаат уставните измени. Посебно им се обрати на пратениците од опозицијата.

„Имаме историска одговорност да влееме надеж а не да сееме страв. Да засадиме иднина и да ја откорнеме бесперспективноста. Од сите нас 120 што сме тука се бара таа одговорност. Да гласаме За“, порача Арбр Адеми.

На пратениците им се обрати и независниот пратеник Скендер Реџепи Зејди кој меѓу другото побара и да се расправа за формулацијата 20 проценти во Уставот.

Со ова расправата на потребата од донесување на уставните измени е завршена без да се гласа  поради тоа што немаше мнозинство за нивно изгласување, со што претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата. Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската унија.

https://mk.tv21.tv/prekinata-sednitsata-za-ustavni-izmeni-vmro-dpmne-ne-go-smeni-stavot-mnozinstvo-od-80-pratenitsi-nema/